Kultura Muzika Severna Makedonija

Приказната за џезот (втор дел)

Видовме во кои музички традиции се наоѓаат корените на џезот и кои се некои од неговите основни карактеристики. Да видиме сега кои се најважните музички облици и настани кои довеле до појавата на џезот и кога и каде за прв пат го наоѓаме како посебен музички правец.

Музичкиот облик кој веројатно одиграл најзначајна улога во развојот на џезот е блузот. Интересно е дека неговото влијание не е ограничено само на почетоците. Блузот претставува непресушен извор на инспирација за џез музичарите во текот на целата историја на џезот.

Блузот се појавил во руралните краеви на американскиот Југ во текот на втората половина на XIX век (попрецизното датирање зависи од изворот; некаде почетоците се сместуваат во шестата деценија, некаде во третата четвртина, некаде во последните две децении на XIX век, а верувам дека можат да се најдат и други информации). Зрелост достигнува на крајот од првата деценија на минатиот век.

Блузот е музика на црнечките жители на Америка: тој е креација на африканските робови и нивните потомци. Блузот се развил, пред сè, од песните кои Афроамериканците ги изведувале на полето и на плантажите (work songs и field hollers), додека ги извршувале тешките физички работи за кои биле задолжени. Овие песни биле дел од фолклорната традиција на Афроамериканецот.

Очигледни се тематските сличности помеѓу раниот, рурален блуз и работните песни. И во овие песни и во раниот блуз Афроамериканецот изразувал носталгија за родниот крај, тага над својата судбина, фрустрираност и бес поради неправдата, лошата среќа и неволјата која го снашла. Пеењето (за лошата судбина) ја олеснувала монотоната физичка работа и донесувало своевидна катарза.

Освен работните песни, врз формирањето на блузот влијаеле и црнечките спиритуали, баладите, селската или кантри музика за играње, а некаде како можно влијание се споменуваат и келтските фолк песни. Келтските песни во Америка ги донеле Ирците, кои, егзистенцијално загрозени од Големата глад (The Great Famine, 1845–1849), масовно ја напуштале својата родна земја и барале нов почеток во Новиот свет.

Еден од најпрепознатливите елементи на блузот е блуз хармонијата. Во основата на речиси сите блуз композиции лежи еден ист хармониски образец. Него го чинат три акорди. Прв е акордот чија основа е првиот тон во скалата (наречен тонален центар). Потоа следи акордот кој се гради на четвртиот тон од скалата (субдоминанта). Последен стапува на сцена акордот кој е изграден на петтиот тон од скалата (доминанта).

Строфата од три стиха е уште еден препознатлив елемент на блузот. Обично, вториот стих е идентичен со првиот. Третиот стих претставува своевидна разрешница на тензијата која се гради во првите два стиха. Секој од овие стихови трае по четири такта. Значи, тие чинат целина од вкупно дванаесет тактови. Ова е најпопуларната блуз форма, позната како 12-bar blues.

Блузот претставувал совршено погодна основа за развивање на композициите и импровизациите на раните џез музичари. Тој бил користен како подлога за делата и демонстрација на музичката вештина на првите џез великани: Кинг Оливер (King Oliver), Џели Рол Мортон (Jelly Roll Morton) и Луис Армстронг (Louis Armstrong). Блуз формата играла важна улога и во творештвото на Дјук Елингтон (Duke Ellington), а во подоцнежните фази од развојот на џезот блузот бил инспирација и основа и за музичките креации на Каунт Бејзи (Count Basie), Телониус Монк (Thelonious Monk), Мајлс Дејвис (Miles Davis), Џон Колтрејн (John Coltrane), Херби Хенкок (Herbie Hancock) и др.  Освен тоа, од блузот џезот ги примил и блу тоновите и конверзацискиот карактер (кој оди наназад сè до работните песни).

Уште едно важно влијание во формативните години на џезот е регтајмот (ragtime). Најпознат претставник на регтајмот е Скот Џоплин (Scott Joplin). Веројатно најпознатата регтајм композиција е „Entertainer“, која својата популарност му ја должи на филмот „The Sting“ (1973), во кој е главна музичка тема. Сигурен сум дека секој ја чул барем еднаш во животот, иако можеби не ја знае по име. За оние кои сакаат да се потсетат, еве ја: https://www.youtube.com/watch?v=fPmruHc4S9Q

Регтајмот е, пред сè, клавирска музика. Името го добил по „истрганиот“ (ragged) ритам (time) или, како се тврди некогаш, синкопираниот ритам. Но Колиер (James Lincoln Collier) сугерира дека, строго гледано, овде не може да се зборува за синкопа. Синкопирањето е акцентирање на слабите тактови удари (на пример, во четири-четвртинскиот такт, тоа се вториот и четвртиот удар), т.е. акцентирање на тактовите удари кои обично не се акцентираат или појава на неочекувани нагласени удари. Како такво, синкопирањето е карактеристика на европската музика. А она што црнечкиот регтајм музичар, а подоцна и џез музичарот, всушност настојува да го постигне е да го рекреира она одлепување на мелодијата од основниот ритам – пракса чии корени се наоѓаат во западноафриканската полиритмичка музичка традиција. Се чини дека Колиер во ова го гледа најважниот елемент на џез музиката.

Иако можат да се најдат и поинакви теории, како посебно дефиниран музички облик џезот за првпат се појавува во Њу Орлеанс, Луизијана. Неговите почетоци се скромни. Долго пред да стане глобален феномен, тој бил само локална њуорлеанска појава, а најголемиот дел од фановите го чинеле припадници на сиромашното црнечко население.

Потврда дека џезот за првпат почнал да се свири во Њу Орлеанс даваат сведоштвата на музичарите кои биле современици на раѓањето на џезот. Имено, нивните тврдења говорат дека Њу Орлеанс е местото каде што навистина за прв пат почнала да се свири сосема специфична музика, која ќе стане позната под името ʼџезʻ. Освен тоа, сите џез снимки до 1924/1925 година се направени од страна на музичари од Њу Орлеанс или од оние кои ги копирале њуорлеанските музичари.

Зошто токму Њу Орлеанс? Постојат многу причини, а, ете, една од нив е завршетокот на Шпанско-американската војна (1898 година). По завршувањето на овој воен конфликт, американската армија почнала да ги распродава музичките инструменти кои им припаѓале на воените оркестри. Голем број на единици биле демобилизирани токму во Њу Орлеанс. За кратко време, градот бил преплавен со половни музички инструменти, кои можеле да се купат за многу ниска цена. Овие инструменти им биле достапни дури и на припадниците на, социјално и економски гледано, најзагрозените слоеви во градот. Така, за првпат во историјата, во рацете на многу деца во афроамериканската заедница во Њу Орлеанс се нашле прави дувачки инструменти. Токму тие деца ќе доведат до тоа џезот да се појави на историската сцена на крајот од втората деценија на XX век.

Постои уште еден историско-културен фактор кој придонел кон раѓањето на џезот токму во Њу Орлеанс. На крајот од XIX век во Њу Орлеанс постоел боемски кварт познат под името Сторивил (Storyville). Тоа било едно од најлибералните места во Америка. Ова е период кога музичката кариера и кариерата во шоу бизнисот биле поистоветувани со висок степен на неморал. Но не и во Сторивил. Тој бил слободна зона. Таму забавата никогаш не стивнувала. Сторивил бил простор каде музичарите лесно наоѓале работа и постојано имале „тезга“. Тука без престан го усовршувале своето свирење и ја развивале музиката која ја свиреле. Еден ден, тоа ќе доведе до појавата на џезот.

Но најважен од сите настани е културното зближување и почетокот на музичката соработка помеѓу црните Креоли, кои живееле во долниот дел на Њу Орлеанс, и останатото црнечкото население, т.е. жителите на горниот дел од градот. Креолите имале, од една страна, африканско потекло, а, од друга, тие биле потомци на француските и шпански доселеници во американската држава Луизијана (оваа територија во минатото била и под шпанска и под француска управа). Првобитно, тие имале многу подобар социјален статус од останатото население со африканско потекло. Во духот на високата граѓанска култура, нивниот музички вкус бил воспитуван во европската музичка традиција. Меѓутоа, со текот на времето Креолите почнале да го губат својот статус. Овде нема да навлегуваме во причините за тоа. Едноставно, тоа се случило и, во извесна смисла, влошувањето на нивниот статус придонел кон тоа да се зближат со останатото црнечко население во Њу Орлеанс.  Ова зближување довело до засилено спојување на европската и африканската музичка традиција, што пак ќе доведе до креативна експлозија и, конечно, до појава на џезот.

Денес се смета дека првата официјална џез плоча е снимена во 1917 година од страна на составот Original Dixieland Jazz Band. Снимени се две композиции: Livery Stable Blues и Dixieland Jass Band One-Step. Првата од нив можете да ја чуете овде: https://www.youtube.com/watch?v=5WojNaU4-kI

Иронија на судбината е што токму првата џез плоча е снимена од состав кој не вклучувал ниту еден Афроамериканец во своите редови. Постојат многу текстови кои настојуваат да објаснат како дошло до тоа. Како и да е, колку и да ни биде жал поради тоа, можеме заедно со Дарко Панчев да кажеме само едно: тоа е!

Снимките на Original Dixieland Jazz Band, иако можеби денес ни звучат прилично конфузно, биле израз на доволно значаен, невообичаен и моќен музички звук да го привлечат вниманието на целата нација. За само неколку недели од објавувањето на плочата, Original Dixieland Jazz Band ќе стане музичка атракција, а џезот национален феномен. Иако доживувал падови во популарноста и, всушност, ретко кога бил најпопуларниот музички израз, џезот до денес ќе остане една од најважните појави во историјата на музиката. Навистина е штета да не му дадеме шанса, посебно сега кога на интернет можеме да најдеме цела ризница на џез музика од било кој период.

About the author

Adria Daily Magazin

Adria Daily Magazin

Regionalni magazin. Imate vest? Javite nam: redakcija@adriadaily.com
Srbija | Hrvatska | Slovenija | BiH | Crna Gora | Makedonija

Add Comment

Click here to post a comment

Ovo veb mesto koristi Akismet kako bi smanjilo nepoželjne. Saznajte kako se vaši komentari obrađuju.

Oglašavanje

Oglašavanje

Oglašavanje

Pratite nas na Facebook-u

Oglašavanje