Muzika Severna Makedonija

Приказната за џезот (прв дел)

Во една прилика, големиот мислител Барт Симпсон рекол дека цртаниот филм е единствената изворно американска уметничка форма; џезот не треба да се брои, затоа што е „без врска“ („It sucks“). Не е лесно да му се противречи на еден таков интелектуален колос. Но, мора да се каже, постои можност Барт да не е во право.

Лошото мислење и незаинтересираноста за џезот можат да се ублажат ако подобро се разбере за што станува збор. Ако некој свири, а музичките реченици ми се потполно неразбирливи, голема е веројатноста да не најдам ништо допадливо во неговата музика. Како некој да ми кажува вицеви на свахили. Можеби се многу смешни, ама јас ништо не разбирам, ergo, не можам ни да се смеам.

Да би биле во совршена позиција да разбереме што свири еден џез музичар, потребно е сериозно музичко образование и познавање на многу технички детали. Но, за почеток, од помош може да биде и познавањето на некои од најелементарните карактеристики на џезот. Подеднакво важно е и познавањето на неговата историја: како се развил, кои се неговите формативни елементи, каде се појавил, зошто токму таму и сл. Па, да видиме како оди приказната за џезот.

Џезот претставува креативен спој на две музички традиции: европската и африканската.

Од европската музичка традиција доаѓа џез хармонијата (африканската музика е, пред сè, вокално-ритмичка; во неа нема да најдете развиена хармонија и голем број на инструменти). Ова може да биде проблематична генерализација, но може да се каже дека џез хармонијата ја карактеризираат сложени акордски промени и, ако ги исклучиме седмиците, акорди кои не се сретнуваат често ни во еден друг музички правец: деветки, единаесетки, тринаесетки и др. Како пример за тоа колку сериозен предизвик за музичарот може да биде одржувањето на акордската прогресија во џезот може да се земе „Giant Steps“ – композиција напишана од Џон Колтрејн (John Coltrane). А кој сака да чуе генијална и сложена џез хармонизација може да го послуша гитаристот Џо Пас (Joe Pass).

Од европската музичка традиција доаѓаат и инструментите кои преовладуваат во џезот: труба, саксофон, кларинет, пиjано, гитара итн. Под ова не мислам нужно на инструменти кои потекнуваат од Европа, туку на инструменти кои биле и сè уште се во широка употреба во европската музика.

Сепак, џезот посебен го прават токму елементите кои доаѓаат од африканската традиција. Но треба да се има предвид дека африканската култура од која извира џезот не е, едноставно, некоја општа африканска култура. Tоа е културата на Африканецот во Америка. А афроамериканската култура е нешто самосвојно. Откако принудно дошле на американско тло, робовите од Африка почнале да создаваат култура истовремено поврзана со онаа во нивната матична средина и различна од неа. Изменетите животни околности диктирале поинаков културен одговор. Така, Афроамериканецот создавал фолклор и музика поврзани со културните влијанија и социјалните услови во кои се нашол на новиот континент.

Еден од најзначајните елементи кои во џезот доаѓаат од африканската традиција е полиритамот (polyrhythm), поточно, вкрстениот ритам (cross-rhythm). Вкрстениот ритам подразбира постоење на неколку различни ритмови или ритмички слоеви во составот на една музичка изведба. Овие ритмови некаде се поклопуваат, некаде одат еден спроти друг, некаде изгледа како да постојат паралелно еден на друг. Сепак, крајниот резултат од вкрстувањето на ритмовите е една компактна целина; во нашата перцепција тие се јавуваат како една смислено цело. Во вкрстениот ритам секогаш постои основен ритмички слој, врз кој се нанесуваат останатите ритмички слоеви. Тој не мора да биде отсвирен, може само да се подразбира. Бидејќи нови појмови најлесно се усвојуваат преку примери, еве еден одличен пример за африкански полиритам: https://www.youtube.com/watch?v=rrEqNTyMF_A

Друг важен елемент превземен од африканската традиција е употребата на блу тоновите (blue notes): блу терцата и блу септимата. Во еден период се верувало дека блу терцата е идентична со малата, т.е. молска терца. Но ова мислење не е точно. Малата терца е за полустепен одалечена од вториот степен во скалата, а генерално гледано, африканската музика покажува отпор кон полустепените. Блу тоновите не се вклопуваат во сликата за висината на тонот која постои во нашата вообичаена претстава, произлезена од европската класична музичка традиција. Додека во оваа традиција тоновите имаат сосема одредена висина, блу тоновите имаат динамична природа: нивната висина не е фиксна и строго одредена – таа варира. А ако мора да се даде некое одредување, тогаш може да се каже дека тие се наоѓаат некаде помеѓу големата (дурска) и малата терца, односно, големата и мала септима. Значи, блу тоновите немаат ниту дурски ниту молски карактер. Оттука, не треба да биде големо изненадување ако кажам дека нив нема да ги најдете на голем број популарни инструменти, како што се, на пример, инструментите со дирки. Строго зборувајќи, нив нема да ги најдете ни на жичените инструменти. Овие инструменти се така направени да на нив можат да се отсвират само степени и полустепени. Но вешти музичари блу тоновите можат да ги отсвират дури и таму каде што не постојат. Не сум сигурен за клавирот и сличните инструменти, но на жичен инструмент, конкретно на гитарата, блу тонот може да се отсвире со адекватно подигнување на жицата. Специфичната природа на блу тоновите се должи на фактот што тие се дел од „ресорот“ на вокалот, т.е. тие се, пред сè, производ на човечкиот глас. Вокалот има многу поголема слобода и многу полесно може да манипулира со висината на тонот, во споредба со инструментите. Оттука, јасно е зошто природата на блу тоновите е толку динамична и тешко уловлива за инструментите.

Од африканската музика џезот го усвоил и нејзиниот конверзациски карактер. Слично како што во афроамериканската фолклорна музика еден од пеачите изнесува одреден стих, а потоа следи одговор од останатите пејачи, така и во џезот еден од музичарите изнесува една музичка изјава, а друг одговара на неа. Пример за ова наоѓаме во Мајлсовата (Miles Davis) композиција „So What“. Во неа разговорот помеѓу басот и пијаното започнува веднаш после воведниот дел (отсвирен само на пијано): басот повикува на разговор, а пијано акордите се одговорот на тој повик.

Импровизацијата е уште една важна карактеристика на џезот. Иако лесно може да се поврзе со слободата во музицирањето во африканската традиција, не може да се каже дека се работи исклучиво за африканско влијание (постојат примери на соло импровизација и во фолклорната и класичната европска музичка традиција). Импровизацијата е манифестација на креативноста, музикалноста и техниката на музичарот. Таа чини една иста композиција секогаш да звучи различно. Импровизаторот создава нови мелодијски линии врз постоечката акордска прогресија (или, ако се работи за слободен џез, едноставно, создава ново… нешто). Еден од највпечатливите примери на врвна импровизација претставува албумот „Kind od Blue“. На останатите музичари во бендот Мајлс им дал само основни мелодиски идеи и елементарни упатства како да свират. Резултатот е веројатно најдобриот џез албум на сите времиња. Композициите се резултат на комбинација на фасцинантна смисла и чувство за музика, од една страна, и мајсторска вештина, од друга.

Само уште нешто на крајот од овој дел. Кога е џезот во прашање, неретко може да се наиде на тврдењето дека се работи за музика која можат вистински добро да ја свират само Афроамериканците. Имам новости: тоа е мит. Тоа е исто како да се каже дека еден Афроамериканец никогаш не може да го свири добро Бетовен, затоа што нема германско потекло. Точно е дека џезот е пред сè афроамериканска творба и дел од културата на Афроамериканецот. Но, како и секој друг културен елемент, и џезот можат да го усвојат припадници на култури различни од матичната. Значи, да се разбереме, џезот успешно можат да го компонираат и маестрално изведуваат и Европјаните, и Азијатите, и сите народи и народности на овој свет.

About the author

Adria Daily Magazin

Adria Daily Magazin

Regionalni magazin. Imate vest? Javite nam: redakcija@adriadaily.com
Srbija | Hrvatska | Slovenija | BiH | Crna Gora | Makedonija

Add Comment

Click here to post a comment

Ovo veb mesto koristi Akismet kako bi smanjilo nepoželjne. Saznajte kako se vaši komentari obrađuju.