Moj Ugao Severna Makedonija

За просерувањето

ʼПросерувањеʻ е поим кој ретко ќе го сретнете во јавниот дискурс и академската средина. Некој би рекол дека тоа е оправдано: ʼпросерувањеʻ е непристоен збор кој означува неважен поим. Но јас мислам дека вршиме голема неправда кон тој поим. Просерувањето заслужува сериозно внимание. Зошто? Затоа што, како што вели проф. Франкфурт (Harry G. Frankfurt), просерувањето е една од најизразените карактеристики на нашата култура. Франкфурт е Американец и веројатно ова го тврди имајќи ја на ум пред сè својата средина. Но, како често се вели, светот денес е глобално село. Најголемиот дел од луѓето се дел од една глобална култура. Во таа смисла, работите не стојат многу поинаку ни кај нас, а верувам ни во другите делови од светот. Сакам да кажам дека просерувањето е глобален феномен.

Првиот систематски обид да се одговори задоволувачки на прашањето што е тоа просерување доаѓа токму од перото на проф. Франкфурт. Концептот ʼпросерување̒ Франкфурт го анализира во својот текст со едноставен и потполно адекватен наслов On Bullshitting. Благодарение на ова дело, Франкфурт стекна општа популарност, па така со него беа снимени и неколку интервјуа, во кои зборува за просерувањето. Потпирајќи се на материјалот кој го наоѓаме кај Франкфурт, можеме да дојдеме до појасно разбирање на овој феномен.

Пред сè, да го разгледаме чисто лингвистичкиот аспект. Зборот ʼпросерувањеʻ е превод на англискиот термин ʼbullshitʻ. ʼBullshitʻ (или ʼbollocksʻ во Британија, Ирска и Австралија) обично се користи така да реферира на бесмислица, бесмислен говор, неискрен говор, измама или говор кој нема многу врска со стварноста. На македонски може да се преведе и како ʼбалегањеʻ. Но, затоа што во секојдневниот приватен говор најчесто користиме реченични конструкции кои го вклучуваат глаголот ʼсереʻ (на пример: „Х сере“, „Не сери“, „Зошто сереш“ итн.), мислам дека е подобро да се користи терминот ʼпросерувањеʻ.

Која е природата на просерувањето? Со други зборови, што е тоа што просерувањето го чини просерување?
Просерувањето е празен говор, брборење, произнесување на зборови кои немаат тежина, празни зборови. Просерувањето опфаќа блефирање: прикажување на работите поинаку одошто се, преправање. Но, предупредува Франкфурт, просерувањето не е исто што и лажење. Просерувачот може да кажува невистини, но тоа не го прави просерувач. Разликата помеѓу просерувачот и лажливецот е во нивниот однос кон вистината. Лажливецот е, до одредена мера, засегнат со вистината. Тој знае што е вистина и намерно сервира невистина. Со просерувачот работите стојат поинаку. Тој е рамнодушен кон вистината, но и кон невистината. Него не го засега вистиносниот статус на работите кои ги зборува. Токму на ова Франкфурт гледа како на суштина на просерувањето.

Просерувачот може да изнесе тврдења кои се точни, но тој никогаш не ни ја открива вистинската причина или намера која стои зад тие тврдења. Значи, она во однос на што нè доведува во заблуда не е нужно вистиносната вредност на исказите кои ги изнесува, туку мотивот кој го поттикнува да го зборува тоа што го зборува. Тој само сака да ја оствари својата цел, а не му е важно дали ќе ја реализира така што ќе говори вистина или невистина. Тој сака да ни продаде производ (кој не ни треба), да нè убеди да гласаме за него, да нè поттикне на одредена акција, да мислиме така како тој мисли (затоа што тој така мисли, независно од тоа што не поседува добра или прифатлива причина за своето мислење). Едноставно, просерувачот сака да направи да се однесуваме, мислиме и дејствуваме така како што тој сака, а притоа да мислиме дека ја исполнуваме својата волја, дека ги задоволуваме своите потреби и дека сами, слободно и рационално доаѓаме до ставовите до кои се држиме.

Светот на политиката и рекламите е исполнет со просерување. Еден политичар може да нè убедува дека мораме да излеземе на избори затоа што тоа е наша граѓанска одговорност, така покажуваме висока политичка свест и затоа што секој од нас е многу важен („Твојот глас одлучува“). Технички гледано, ова не се невистини. Меѓутоа, најчесто, основниот импулс за ваквиот говор е грижата за одржување или стекнување на власт, политичка моќ и одредени привилегии, а не грижата за политичката активност и доброто на граѓанинот. Значи, во најголемиот број на случаеви, политичарите кои изнесуваат вакви тврдења се просеруваат. Исто така, кога L’Oréal ви говори дека вие заслужувате да се почестите со некој од нивните производи, L’Oréal се просерува.

Но просерувањето знае да биде и многу попрозаична појава. Ако некој по десети пат ви вели: „Е, се гледаме обавезно од понеделник“, а тој понеделник не дошол ни еднаш до сега, тогаш тој се просерува. Ако некој ви каже дека не гледа UFC затоа што боксот е она вистинското, најверојатно се просерува. Ако некој губи година на факултет, а тврди дека тоа е затоа што сака сериозно да им се посвети на студиите – сака да студира, во права смисла на зборот – веројатноста дека се просерува е 0.99.

Кон збогатувањето на ризницата на просерување денес многу придонесуваат масовните медиуми. Тука може да се произведе, пронајде, прошири и да се прифати која било информација, независно од нејзиниот квалитет, епистемички статус и нејзината изворна намена. Франкфурт изнесува една многу интересна идеја кога вели дека денес има толку голема количина на просерување и поради тоа што членовите на современите демократски општества мислат дека треба да имаат став за сè – карикирам, од Хигсовиот бозон, па до тоа колку е морално да се убие еден афрички слон. А кога многу зборуваш на теми за кои немаш доволно знаење, шансите да произведеш сериозна количина на просерување се огромни. Во Македонија можеби не се зборува толку често за физика или етика, ама затоа речиси сите се експерти за (гео)политика и историја.

Интересно е и тоа што Франкфурт сугерира дека денешниот висок степен на образование не придонесува кон намалување на просерувањето. Всушност, високото образование ни дава интелектуална и јазичка компетенција (барем така би требало да биде) да генерираме повеќе просерување. Наводно, ако сме образовани, можеме и треба да зборуваме за сè, без разлика на тоа колку ни е позната темата. Вистината е следнава: дури и ако си експерт, обично си експерт за една област, на пример за фитнес. Само од себе, тешко дека тоа те прави авторитет и за религија, и за политика, и за оптика, и за дендрологија.

Но зошто воопшто да се занимаваме со просерувањето? Што имаме од тоа? Ми се чини дека Франкфурт е загрижен поради тоа што мисли дека просерувањето го загрозува традиционалниот концепт на вистината, а ние сме премногу толерантни кон него. Навистина, фактот дека толерираме толку многу просерување е загрижувачки: покажува дека сме станале премногу рамнодушни, скептични и цинични да би се занимавале со работи кои навистина значат, како што е вистината. Но и независно од вакви, условно речено, метафизички преокупации, со просерувањето треба да се занимаваме барем поради тоа што во него лежи голем потенцијал за манипулација. Вешт просерувач би можел да прави со нас што ќе посака. Би било добро кога би имале поголема свест за тоа, па да не дозволиме да ни се случува често. Во исто време, треба да бидеме реалистични и да имаме предвид дека просерувањето не се разобличува така лесно. Постои дури и правило, „Брандолиниев закон“ – автор е Алберто Брандолини (Alberto Brandolini), познат во светот на компјутерите – кое вели дека односот помеѓу количината на енергија потребна да се побие и количината на енергија потребна да се произведе просерување е асиметричен: потребно е многу повеќе енергија да се побие отколку да се произведе просерување. Но, ова не треба да делува обесхрабрувачки. Всушност, спротивно од тоа, тоа треба да биде причина повеќе оваа тема – просерување – да ја сфатиме сериозно.

About the author

Adria Daily Magazin

Regionalni magazin. Imate vest? Javite nam: redakcija@adriadaily.com
Srbija | Hrvatska | Slovenija | BiH | Crna Gora | Makedonija

4 Comments

Click here to post a comment

Ovo veb mesto koristi Akismet kako bi smanjilo nepoželjne. Saznajte kako se vaši komentari obrađuju.