Kolumne Severna Makedonija

Цинизам

ʼЦинизамʻ е термин кој првобитно се користел за означување на едно од сократовските филозофски струења во стара Грција. Циниците ги разобличувале лажните доблести и ниските одлики кај луѓеto, и ги отфрлале и исмевале општите пракси, верувања и обичаи во општеството. Најпознатиот претставник на оваа традиција е Диоген. По сликата која ни ја дава Диоген Лаертиј (овој е друг Диоген), може да се заклучи дека сарказамот бил еден од Диогеновите основни начини на комуникација. За него уште знаеме дека живеел во буре, палел лампа преку ден да го бара човекот, го критикувал Платон, му „одбрусил“ на Александар Велики и сл. Во кратки црти, Диоген бил тежок и ексцентричен човек.

Но денес ретко кој го употребува зборот ʼцинизамʻ имајќи ги на ум старогрчката филозофија и Диоген. Секако, постои одредена врска помеѓу појавата на која првобитно реферирал овој термин и појавата на која реферира денес. Меѓутоа, постои и дисконтинуитет помеѓу оригиналното и денешното значење.

Во современото значење, терминот ʼцинизамʻ подразбира две меѓусебно поврзани работи: (1) специфичен начин на употреба на јазикот и (2) одреден став или држење кон работите. Како јазички феномен, цинизмот опфаќа сарказам, исмевање, подбивање, зајадливост и вклучува елементи на хумор. Како психолошки феномен, цинизмот претставува недоверба во луѓето и институциите, неверување во високи идеали и трансценденти вредности. Персонифицирајќи го, ќе кажеме дека цинизмот не верува дека луѓето можат да бидат искрено алтруистични и автентично добри. Тие се себични суштества; тие се водат по своите лични интереси и животински импулси; нивното дејствување има една цел: личната корист. Цинизмот одбива да верува во возвишени стремежи. Тој секаде наоѓа хипокризија, примитивизам, егоизам, груб материјализам, безобзирност преправена во внимателност, лажна грижа за другиот, желба за манипулација. Тргни ја надворешноста – фасадата, маската или лошата шминка – и секаде ќе најдеш беда, ситничавост и глупост. Цинизмот не може да види нетривијално, небанално и трајно значење во работите или универзална, сеопфатна и крајна смисла во светот. Тој не препознава традиционален или објективен авторитет и нему ништо свето не му е свето. Познатиот современ германски филозоф Петер Слотердajк (Peter Sloterdijk) цинизмот го претставува како сеопфатен нихилизам. Во тој дух, можат да се најдат и тврдења дека денешниот цинизам е показател на пропаѓањето на културата и вредностите. Исто така, постојат текстови кои предупредуваат за негативните последици на цинизмот врз политичкиот живот во современите демократии.

Пред сè, што доведува до цинизам? Изневерените идеали и очекувања, и незадоволувачкото функционирање на институциите. Да тргнеме од политиката. Политичкиот цинизам можат да го причинат, кон него да придонесат или да го зголемат главните партии во позицијата и опозицијата. Стратегиите и тактиките кои тие ги користат со цел да стекнат симпатии всушност се погубни за политичкиот живот во една земја. Негативните кампањи исполнети со неумерена количина на критика сигурно не можат да создадат здрава атмосфера и доверба во главните актери на политичката сцена. Меѓусебните обвинувања и конфликти и задржувањето на наводните скриени или ниски мотиви за дејствување на политичкиот противник, наместо на неговата политичка платформа, чинат солидна основа за развивање на политички цинизам. Пристрасното медијско известување исто така може да го потхрани политичкиот цинизам. Исто така и партијското вработување. Исто така и револуцијата која срушила еден диктаторски режим и го заменила со нова корумпирана власт, глува за гласот на народот. Исто така и начинот на кој големите сили шират демократија по светот.

Да погледнеме и на религијата. Земајќи ги предвид историјските грешки на големите религии, и што сè се прави денес во името на религијата, нетрпеливоста која ја шират некои верски водачи, тесноградоста, неинформираноста и материјализмот на некои претставници на религијските институции, станува јасно од каде може да дојде цинизмот во однос на религијата. Овде е уште почувствителна ситуацијата. Колку повисоки се идеалите толку поголеми се и очекувањата, но и разочарувањето.

Современиот цинизам поседува своевиден шарм. Човек тешко може да му одолее. А уште ако му е близок хуморот на Монти Пајтон, нема да му е туѓ ни цинизмот како јазички феномен. Има нешто исполнувачко во тоа да „одбрусиш“ некому, да не ги сфатиш премногу сериозно луѓето и институциите кои себе се сфаќаат премногу сериозно, да не ги земаш при срце работите кои ти ги зборува некојси Томче од партија или да „возиш“ некој Јеховин сведок кога ќе ти дојде на врата. Цинизмот како да обезбедува простор каде што човекот може да се чувствува добро и слободно, токму затоа што таму не го допира ама баш ништо. Колку и да се бесмислени работите на факултет, во месната заедница, во комшилукот, во управата на локалниот фудбалски клуб, во влада, во Нигерија или на унгарската граница, па дури човек да живее и во Апсурдистан, цинизмот може да го дистанцира од сите маки и, во извесна смисла, да го заштити од контаминација со глупости.

Но дури и ако е шармантен и не е без основа, цинизмот не ја заслужува популарноста која ја ужива. Посериозна анализа покажува дека современиот цинизам има незанемарливи недостатоци и не е баш оаза во пустина. Пред сè, цинизмот е неразумна позиција. Циникот не верува во луѓето и институциите. Но вистината е дека не можеме да знаеме точно што се одвива во умовите на другите. Тоа имплицира дека секогаш постои можност постапките и намерите на другите луѓе да ги интерпретираме произволно. Некој може да се однесува навистина добро и во основата на неговите постапки може да стои автентично добра намера, а ние сепак да му припишеме скриени лоши мотиви. На пример, ако некој изгради дом за мигрантите од Блискиот Исток, јас можам да тврдам дека е тоа само да за си ја очисти совеста поради начинот на кој стекнал пари. Ако некој постапува неочекувано добро со мене, јас можам да ве уверувам дека тоа е манисфетсација на лицемерие. Овие се глупи примери, но сега не можам да се сетам на подобри. Во секој случај, мислам дека идејата е јасна. И проблемот не е само во тоа што секогаш постои простор за лоша интерпретација. Проблематично е и тоа што не постои начин да се побие циничката позиција. Таа е нечувствителна на разумни противаргументи. Што и да се случи и што и да се каже, циникот тоа може да го интерпретира како потврда на своето негативно мислење. Во таа смисла, цинизмот е сличен на теориите на заговор. За некој кој е убеден во вистинитоста на одредена теорија на заговор, сите збиднувања, постапки и тврдења претставуваат потенцијална потврда на ставот кој го држи.

Потоа, изгледа дека цинизмот не прави разлика помеѓу идеите, од една страна, и луѓето, од друга. Дали е идејата вистинита или добра не зависи од тоа кој ја претставува или од кој потекнува. Како општо правило во логиката важи дека идеите треба да се вреднуваат сами за себе, независно од карактерните црти и моралниот кредибилитет на луѓето кои ги промовираат. Иако има легитимни отстапувања од ова правило, во најголемиот број од случаевите важно е само тоа каква е идејата – дали е плаузибилна, одржива, прифатлива, вистинита, добра и сл. – а не кој е, да така кажеме, носителот на таа идеја. На пример, Готлоб Фреге, еден од најзначајните аналитички филозофи, бил антисемит. Верувам дека антисемитизмот, за најголемиот број од нас, е неморална позиција. Но Фрегеовиот антисемитизам не е добра причина да ги отфрлиме Фрегеовите филозофски и логички идеи. А ако ги отфрлиме, треба да го направиме тоа затоа што сме убедени дека не се исправни, а не затоа што потекнуваат од антисемит.

Трето, како шо јасно кажува самиот термин, целата поента со идеалите е да бидат токму тоа: идеални, идеализации, совршен модел кој треба да се следи, нешто кон што се стремиме (а можеби никогаш нема да го оствариме до крај). Тоа значи дека постои тензија помеѓу идеалот и историјата или, појасно, секогаш ќе постои дискрапанца помеѓу идеалот и неговите историјски отеловувања. Значи, ако демократијата во овој момент не функционира добро и ни делува како илузија, тоа сè уште не значи нужно дека станува збор за нешто од што треба да кренеме раце.

Четврто, за разлика од древниот, филозофски цинизам, современиот вклучува тенденција кон неактивност. Античките циници се служеле со сарказам и критикувале многу идеи, пракси и луѓе, но тие се држеле кон одредени идеали и имале јасна цел пред себе. Живееле аскетски и тежнееле кон реализација на одредени етички начела. Сами се труделе да постигнат нешто и, оттука, имале кредибилитет кога критикувале некого. За разлика од нив, ние, денешните циници, изгледа дека знаеме само да критикуваме и исмеваме. Современиот цинизам не е олицетворение на здрав разум, здрав скептицизам и критички дух. Скептикот изразува несигурност во однос на работите и спремен е да испита нешто пред да се одлучи да го отфрли (или прифати). За разлика од него, циникот е догматичен: тој е веќе убеден дека работите не стојат добро и дека не можат да се променат. Современиот цинизам е корозивен, инертен и апатичен, и не прави речиси ништо за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Навистина, може ли цинизмот да придонесе, на пример, кон демократскиот живот? Циниците не очекуваат позитивни последици од учеството во политичкиот живот, па според тоа, нема ни да учествуваат активно во него. На некои од нив, политиката може да им изгледа како нешто далечно и потполно ирелевантно. Циникот можеби ќе се одлучи да гласа, но тоа едвај може да се вброи во политичка активност.

Денес имаме доста причини да бидеме цинични. Навистина, малку цинизам не е на одмет. Меѓутоа, цинизмот кој не знае за граници е грда, глупава и бесмислена појава. Неумерениот цинизам ниту менува нешто, ниту води каде било, а притоа не покажува почит кон ништо и никого посебно. На крај, наведувам текст од една песна на Шемса Суљаковиќ, напишан во антицинички дух: „Издали ме пријатељи, издао ме брат, изгубила све сам битке, ал’ још водим рат… Нек’ све узму, нека лажу, нека мрзе ме, нек’ сви буду против мене, издржаћу све“. Е, тоа е дух! Тоа е она што ни треба, а не повеќе цинизам!

About the author

Adria Daily Magazin

Regionalni magazin. Imate vest? Javite nam: redakcija@adriadaily.com
Srbija | Hrvatska | Slovenija | BiH | Crna Gora | Makedonija

Add Comment

Click here to post a comment

Ovo veb mesto koristi Akismet kako bi smanjilo nepoželjne. Saznajte kako se vaši komentari obrađuju.