Ронда

0

Дваесет и осумгодишната Калифорнијка Ронда Раузи (Ronda Rousey) има необична професија. Не, не работи во шпедиција, не истоварува камиони, не скротува лавови и не е малтерџија. Таа се занимава со мешани боречки вештини (mixed martial arts или MMA). Нејзината основна боречка вештина е џудото.

Ронда имала богата и успешна кариера како џудистка. Меѓу најзначајните успеси се освоеното злато на Светското првенство во џудо во 2004 година (во јуниорска конкуренција), освоеното сребро на Светското првенство во џудо во 2007 година и бронзениот медал на Олимпијадата во Кина во 2008 година. Таа е првата Американка која освоила медал во џудо откако оваа дисциплина стана олимпијски спорт во 1992 година. Нејзината мајка Ен-Марија Де Марс (AnnMaria De Mars) била исто така позната џудистка. Де Марс е првата Американка која освоила златен медал на Светско првенство во џудо.

Раузи се занимавала со џудо од единаесетата до својата дваесет и прва година. На дваесет и две години влегува во светот на мешаните боречки вештини. Нејзината прва аматерска борба била во 2010 година. Уште тогаш се покажало каков тип на борец ќе биде. Првата ММА борба Ронда ја победува во првата рунда со т.н. армбар (за да видите како изгледа оваа техника, отворете го овој линк). Борбата траела вкупно 23 секунди. Ова е образец кој ќе се повторува во речиси сите нејзини борби. Како аматер имала три борби. Сите се завршиле во првата минута од првата рунда и во сите нив противничката била жртва на истата, армбар техника.

Во 2011 година Ронда станува професионален ММА борец. Нејзината прва професионална борба се одржала на 27 март. Повторно исто: повторно армбар, а борбата траела 25 секунди. По извесно време станува бентамвејт (bantamweight – категорија од 126-135 фунти, т.е. од 57-61 килограм) шампионка во рамките на Strikeforce натпреварувањето, победувајќи ја познатата Миша Тејт (Meisha Tate). И оваа борба се завршува со армбар, но за разлика од претходничките, Тејт успеала да издржи нешто повеќе од 4 минути. Оваа борба означува почеток на големо ривалство, кое трае до денес.

Откако успешно ја одбранила шампионската титула во Strikeforce, во 2012 година Ронда потпишува договор со Ultimate Fighting Championship (UFC). Таа е првата жена која станува дел од UFC – најпрестижното ММА натпреварување во светот. Претседателот на UFC, Дена Вајт (Dana White), ја прогласува за прва UFC бентамвејт шампионка. Во UFC дебитирала во 2013 година. Сè до 14 ноември 2015 година имала 6 борби и 6 успешни одбрани на титулата. Во низата победи највпечатлива е онаа против Кет Зингано (Cat Zingano). Борбата со Зингано траела само 14 секунди (повторно завршува со армбар), што е рекордно кратка шампионска борба во историјата на UFC. Од шесте борби само две траеле повеќе од една минута, а само една повеќе од една рунда. Како резултат на ова, Ронда стана дел од најелитните ММА борци, па се најде на листата на петте најдобри UFC борци.

Оваква кариера на потполна доминација не може да остане незабележана и ненаградена. За релативно кратко време Ронда почна да добива признанија од сите страни и стана вистински „селебрити“. Таа е првиот ММА борец кој доби статус на ѕвезда надвор од боречките кругови. Во 2015 година списанието Sports Illustrated ја прогласи за најдоминантен спортист во светот. Во анкета која што ја спроведе ESPN беше прогласена за најдобар женски спортист на сите времиња. Ронда стана редовен гост во некои од најпознатите ток-шоу емисии во САД. За неа пишуваа најпознатите дневни листови и списанија во светот, а во некои од нив се појави и на насловната страница. Марк Валберг (Mark Wahlberg) ја спореди со Мајкл Џордан. Шек (Shaquile O’Neal) се фалеше дека имал прилика да се дружи со неа. Ронда почна да добива улоги во филмови, па се појави во три холивудски филма: „The Expandables 3“, „Fast 7“ и „Entourage“. Со нејзината популарност, очекувано, порасна популарноста и на UFC. Оттука, природно е да биде соодветно наградена. Така, во 2015 година, во The Ellen DeGeneres Show, Ронда кажа дека таа е највисоко платен UFC борец, земајќи ги во обѕир и машките и женските натпреварувачи.

Како свој херој Ронда го наведе познатиот ММА борец Фjодор Емилијаненко (Фёдор Емельяненко). И како што се изгради мит околу Фјодоровата непобедливост така се изгради мит и околу нејзината непобедливост. И исто како во случајот со Фјодор, и во нејзиниот случај овој мит траеше… сè додека не ја загуби првата борба во октагонот. Сè до борбата со Холи Холм (Holly Holm), во својата професионална ММА кариера, Ронда се бореше дванаесет пати и победи дванаесет пати. Девет од овие борби завршија со армбар, а три со нокаут. Таа беше три години на тронот во бентамвејт дивизијата. Кога веќе сериозно почнавме да се прашуваме дали Ронда е обично човечко битие, Холи стави крај на нашите недоумици. Таа покажа дека Ронда не живее на Олимп, не јаде амброзија и не пие нектар. Ронда е една од нас, сè уште недоволно зрела девојка, ранлива, со слабости и во октагонот и надвор од него.

Холи Холм е бивша многукратна светска шампионка во бокс. Таа е првата личност на која и тргнало од рака да биде шампион и во бокс и во ММА. Во борбата со Ронда, Холм влезе како потполн аутсајдер. Но, иако со мало искуство како натпреварувачка во UFC, таа е постар (триесет и четири години) и, генерално гледано, позрел и поискусен борец од Ронда. А зрелоста и искуството се важни фактори во боречките спортови. Со вкупно 38 борби во професионалнта боксерска кариера, 10 борби во професионалната ММА кариера и дологогодишно боречко искуство, тешко дека постои нешто што Холи не видела или не искусила или пак што може да ја изненади.

Ронда е позната по својот треш-ток (trash talk). Се работи за праксата вербално да се деградираат и испровоцираат противниците, а целта е уште пред да влезат во октагонот, психолошки да почнат да ја губат битката. Всушност, Ронда е еден од најголемите треш-токери во спортот денес. Нејзините изјави се груби, исполнети со вулгарност и закани, а, генерално гледано, нејзиниот настап е емотивно неурамнотежен. Иако Ронда изјави дека тоа е начин да се подигне прашина околу борбите, т.е. да се привлече поголемо медиумско внимание, сепак, многу од работите кои ги зборува и прави се претерани и непотребни. Холи е потполна спротивност од Ронда: сталожена, умерена, сконцентрирана и скромна. Еве добра илустрација на разликата во пристапот и настапот помеѓу Ронда и Холи: https://www.youtube.com/watch?v=F7sAtoQiz08.

Во борбата со Ронда, Холи потполно доминираше. Од самиот почеток се виде дека Холм има добар план и цврсто се држи кон него. За разлика од неа, Ронда делуваше изгубено, исфрустрирано и неконтролирано. Нејзиниот агресивен став овој пат и донесе само проблеми. Постојаното агресивно движење напред под права линија, а не под агол (како што советуваат боксерите), одзема драгоцена енергија и го изложува борецот на голема опасност. Доколку противникот е добар боксер, попрецизно, добар во борба во стоечка положба, таквото движење те прави ранлив на контраудари. Холи имаше совршено движење (footwork) – тука до израз дојдоа нејзините боксерски вештини – и успеа уште во првата рунда да го оштети лицето на Ронда. Ронда имаше шанса да го направи она што обично го прави: да ја собори Холи на земја и потоа да ја примени армбар техниката. Партерот е нејзината силна страна и, како и во претходните борби, се чинеше дека тоа е идејата и овде. Но Холи се покажа како добро подготвена за ова. Не само што се одбрани успешно, таа успеа да ја собори Ронда на земја. Ова беше моментот кој покажа во која насока ќе се движи борбата. Во втората рунда Ронда влезе уште поочајна и направи поголеми грешки. Резултатот беше нокаут. Со висок удар со нога во глава, Холи ја нокаутура на крајот од првата минута од втората рунда. Статистиката говори сè. Од вкупно 69 удари, Ронда успеала успешно да упати само 21. Само 17 од нив биле ефективни. Од вкупно 53 удари, Холи упатила 38 успешни и исто толку ефективни удари. И, потполно неочекувано, единствениот успешен тејкдаун (takedown) го изведе Холи.

Холи покажа дека на Ронда всушност и одговараат борби кои траат многу кратко, поради што и настапува многу агресивно и силно на самиот почеток. Но, пред сè, таа покажа дека Ронда е предвидилив борец, невешт боксер и дека има лош футворк, т.е. движење во октагонот. После борбата, легендарниот боксерски тренер Фреди Роуч (Freddie Roach) изјави дека Ронда мора да научи како да се бори на нозе. Роуч кажа дека начинот на кој Ронда се справи со Холи е засрамувачки и се чини дека никој до сега ја нема научено ништо за боксот. Тој не пропушти да забележи и дека Ронда, како конвенционален деснорак борец, нема основна идеја како треба да се справи со левораки борци (каква е Холи). Поради слабите боксерски вештини на Ронда, нејзиниот тренер, Едмонд Тарвердјан (Edmond Tarverdyan), доби жестоки критики. Тренерот го критикуваше и мајката на Ронда, и тоа уште пред борбата со Холи. Некои коментатори дури сугерираа дека промена на тренерот и целокупниот тим околу Ронда е единствениот начин работите да се променат на подобро за неа.

После борбата, веднаш се наметна прашањето: што ќе се случи сега со Ронда, откако Холи успеа да ја демитологизира? Дали ќе продолжи да се занимава со ММА или целосно ќе му се посвети на филмот? Дали веднаш ќе и се даде шанса за реванш или ќе треба да се бори со други натпреварувачки пред повторно да се сретне со Холи? По најновите информации, Дена Вајт веќе работи на организирање на нова борба помеѓу Ронда и Холи. Втората борба би требало да се одржи во јули 2016 година. Иако Холм инсистира да остане активна пред повторната средба со Раузи, се чини дека Вајт има други планови. Вајт воопшто не се труди да сокрие дека Ронда е негова миленичка. Не е ни чудо по она што таа го направи за популаризацијата и комерцијалниот успех на UFC. Тој смета дека втората средба помеѓу Холи и Ронда е императив, ergo, Холи не треба да се бори сè додека Ронда не биде спремна за нов дуел.

Иако беше нокаутирана, Ронда не заврши со тешки физички повреди. По она што можеме да го прочитаме во ексклузивното интервју со неа, кое го објави списанието ESPN (види: http://espn.go.com/espn/feature/story/_/page/espnwrousey/in-exclusive-interview-ronda-rousey-says-not-losing-holly-holm), она од што ќе биде потешко да се опорави се психолошките последици од поразот. Вајт верува дека Ронда ќе се врати, и тоа посилна од кога било. Можно е да е во право. Таа е сè уште млада и, ако закрепнувањето оди како треба, во јули можеби ќе ја видиме во најсилното издание. Меѓутоа, инсистирањето на реванш е меч со две острици за Ронда. Нова борба со Холи би можела да ја направи бесмртна. Но нов пораз веројатно ќе донесе крај на нејзината кариера. А ако престане да биде интересна како борец, веројатно ќе престане да биде интересна генерално, ќе почне да ги губи спонзорствата и нема повеќе да биде привлечна за Холивуд. Во секој случај, едно е јасно: каква и да е и како и да заврши нејзината сага, Ронда ќе остане запаметена како еден од најфасцинантните борци во историјата на боречките спортови.

Oglašavanje

O autoru

Avatar

Regionalni magazin. Imate vest? Javite nam: redakcija@adriadaily.com Srbija | Hrvatska | Slovenija | BiH | Crna Gora | Makedonija

Ostavite odgovor

Ovo veb mesto koristi Akismet kako bi smanjilo nepoželjne. Saznajte kako se vaši komentari obrađuju.

Send this to friend